Од 16 – 22 октомври трае неделата на борбата против гладта која што ја спроведува Црвениот крст на Македонија, но и Општинската организација на Црвениот крст за Гевгелија.
Ова е традиционална обврска и се одвива на глобално ниво по повод 17 октомври - Светскиот ден на борба против гладта. За таа цел, Општинската организација на Црвен крст Гевгелија традиционално секоја година се вклучува во глобалните акции посветени на справување со гладта, а оваа година кампањата е под мотото "Помислете и на нас".

Кампањата опфаќа собирни акции за храна и парични средства.
Сите заинтересирани физички и прави лица може да донираат средства за помош на ранливото население на следната:
Трансакциска сметка: 200 - 0000015557 - 75
Со дознака: „Донација по повод Недела на борба против гладта“.

Исто така, со вртење на мобилните телефонски броеви:
070/143-400
075/143-400 и
077/ 143-400
сите кои сакаат можат да донират по 100 денари на секој повик од овие броеви.
Собраните средства донирани во текот на кампањата ќе бидат наменети за обезбедување на храна за лица во социјален ризик.

- „Според статистичките податоци со кои располагаме, во Македонија годишно се фрлаат 5.000 тони храна. Со таа храна би можело да се прехранат 13.000 луѓе со по три оброка дневно или еден мал град во Македонија да се храни цела година“, изјави Маријана Лончар Велкова, претседател на ОПМ. Таа додаде дека заедно со Црвениот крст сакаат да ги поттикнат маркетите и производителите на храна да преземат мерки за навремено отстранување на храната што е пред истек на рокот за да може да им се додели на сиромашните луѓе.

Од ЦК на РСМ велат дека во текот на оваа еднонеделна кампања се прави спој на Светскиот ден на храната - 16 октомври и Светскиот ден на борба против гладта - 17 октомври како и хуманиот поттик на граѓаните да се вклучат и да помогнат некому кому и денеска храната му е потребна, а е недостапна секој ден.

 

Со немање мнозинство освоени гласови (50% + 1 глас) од ниту еден од 5-темина кандидати за градоначалници во Гевгелија за Локалните избори 2021, Гевгелија ќе оди на втор круг гласање.

Мнозинство гласови и излезност на 1/3 од електоратот се законски услов кој треба да се исполни за да се оствари победа уште во првиот изборен круг. Во општина Гевгелија првиот гласачки ден, недела 17 октомври излезноста на граѓаните со право на глас изнесуваше 63,12% од електоратот кој брои 19.076 граѓани евидентирани во единствениот изборачки список. Законскиот цензус од 1/3 од гласачкото тело гевгеличани го достигнаат уште пред 15 часот.

Првиот услов, излезноста гевгеличани ја исполнија, но мнозинството доверба од гевгеличани не ја доби ниту еден од петтемина кандидати.

Најблиску до цензусот од 50% гласови + 1 се доближи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ - Андон Сарамандов кој освои 47,11% од гласовите на граѓаните кои гласа во неделата, а следниот е Сашо Поцков, кандидатот на СДСМ кој освои 34,69% од гласовите на граѓаните во првиот изборен ден.

Тие ќе имат уште еден гласачки дуел - втор изборен круг кој треба да се одржи после две недели, поточно на 31 октомври 2021.

Изборната трка заврши за кандидатот на ЛДП/ДОМ - Виктор Петков кој освои 7,76% од гласовите на граѓаните кои гласаа во неделата, за кандидатот на Интегра, Љупчо Кадиев кој освои 1,00% од гласовите и независниот кандидат Глигор Петков кој освои 3,92% од гласовите на граѓаните. Податоците се од ДИК, со 100% прегледани избирни материјали од сите 37 избирачки места во Општината.

Дуелот меѓу најголемите политички партии продолжува. ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори за втора изборна доверба на локално ниво, а СДСМ и коалицијата за шестата изборна доверба од своите сограѓани за раководењето на локалната самоуправа, на општинско ниво.

 

Со освоени 2.128 гласови од вкупно 6.633 гласачи запишани во избирачкиот список на општина Богданци, при излезност од 58,81% до 18:30 часот, кандидатот на СДСМ за градоначалник на општина Богданци обезбеди победа во првиот изборен круг на Локалните избори 2021.

При излезност поголема од 1/3 од електоратот изборот на градоначалник се завршува во првиот изборен круг ако еден од кандидатите освои мнозинство гласови од граѓаните кои гласале. Во Богданци во недела, на гласачкиот ден, точно 50,70% од гласовите отидоа под реден број 12 и му донесоа победа на досегашниот градоначалник Блаже Шапов.
Шапов останува на својата позиција градоначалник и следниот мандат 2021-2025. Тој освои 2.128 гласови.

Мнозинство во Советот на општина Богданци обезбеди СДСМ со освоени 38,53% од гласовите наспроти ВМРО-ДПМНЕ кој освои 34,19%. ГИ е третопласирана со 11,75% освоени гласови, Левица со 9,63% и ЛДП/ДОМ со 1,12%.

За 380 гласови зад Шапов заостанува кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Марјан Пеев, кој нема да има шанса за втор круг изборен натпревар со старо-новиот градоначалник.
Независниот кандидат Ристо Џаков освои 86 гласови, што е 2,05% од вкупниот број гласови од изборниот ден во општина Богданци.

Првите победи на Локалните избори 2021 за градоначалник на два часа после затварањето на гласачките места ги прогласија Анго Ангов за општина Дојран, и Перо Костадинов за општина Валандово.

И двајцата беа градоначалници oд редовите на СДСМ во мандатниот период 20017-2021, а ја добија и довербата на граѓаните од своите општини да ја раководат општината за следниот четиригодишен мандат 2021-2025 година.

Според неофицијалните резултати кои ги објави ДИК со 100% прегледан изборен материјал од гласачките места изборната победа на југот е следна.
- Анго Ангов освои 53,21% од гласовите на своите граѓани во текот на денешниот гласачки ден;
- Перо Костадинов освои 57,73% одгласовите на граѓаните кои денеска излегоа на гласање во општина Валандово.
Со ова изборите во Дојран и Валандово завршија уште во првиот изборен круг.

Блиску до победа е и кандидатот на СДСМ за Богданци Блаже Шапов кој според се' уште нецелосните и неофицијални податоци на ДИК освои 48,63% од гласовите на избирачките во текот на денешниот гласачки ден.

Гевгелија го надмина законскиот цензус од 1/3 излезност, според Изборната регулатива во државата. Изборниот законик вели дека регуларни се изборите во кои ќе излезат да гласат 33,33% од граѓаните запишани во единствениот избирачки список.
Во Гевгелија од 19.076 граѓани со право на глас, до 15 часот своето гласачко право го оствариле 7.652 граѓани, што е 40,11% од граѓаните запишани во избирачкиот список.

Изборниот процес е законски и регуларен и тоа е една придобивка на одзивот на гевгеличани на Локалните изори 2021.

Вториот момент на гласачка одговорност е можноста изборниот процес за избор на градоначалник да заврши уште во првиот изборен круг ако еден од кандидатите добие мнозинство од гласачите.
За таков успех во првиот изборен круг потребно е еден од кандидатите за градоначалник да освоил 3.827 гласови. Со тоа изборниот процес ќе заврши и нема да има потреба од втор изборен круг.

Но, гласањето продолжува до 19 часот. Одзивот на гевгеличани ќе расте, а со тоа и цензусот на гласачко мнозинство за победа во првиот изборен круг.

Инаку, доколку овие два услова не се исполнети, а на Гевгелија и треба само вториот услов за избор на градоначалник во првиот изборен круг, тогаш се оди на втор изборен круг во кој пред гласачите ќе се соочат двајца кандидати кои освоиле најмногу гласови во однос на сите други кандидати. Вториот гласачки ден треба да се одржи на 31 октомври.



Изборниот гласачки ден за Локалните избори 2021 се одвива без проблеми на југот од државата.

Во Гевгелија излезноста на гласачите до 11 часот изнесува 13,53% од електоратот кој брои 19.076 граѓани. Заедно со вчерашното гласање на болните, изолираните од ковид и затворениците кое изнесуваше 1,02%, до сега излезноста изнесува 14,,55% од граѓаните со право на глас во Општината 

Во Богданци излезноста изнесува 13,47% од 6.633 граѓани со право на глас.
Во Дојран излезноста е најголема и изнесува 16,42% граѓани од вкупно 2.677 запишани во единствениот избирачки список.

Излезноста во државата изнесува 10%.

Се гласа со идентификација на отпечаток од прст. Во текот на гласањето кај дел од Избирачките места во повеќе општини во државата се јавија проблеми во функционирањето на отчитувачите на отисок од прст, поврзани со дата базата на МВР. Така што од ДИК дозволија и гласање на традиционалниот начин со отпечаток на прст на Избирачкиот список на места каде апаратите за фингер принт „затаија“ во својата работа.



Еден ден пред официјалниот старт на гласачкиот процес во Македонија, за локалните избори 2021, согласно Изборниот законик со гласање се изјаснуваа старите, изнемоштени и болни лица, лицата во изолација од ковид и лицата во Казнено-поправните установи.

Саботниот гласачки ден во општина Гевгелија, со остварување на своето гласачко право го искористија 156 болни од вкупно пријавените 160 болни во ОИК, според потврда издадена од матичен лекар за нивната здравствена состојба. Болните ги посетија членови на Избирачките одбори од Избирачките места каде тие согласно распоредот во Избирачкиот список за општина Гевгелија, припаѓаат. Според законот, се посетуваат само еднаш во домот со се' гласачкиот материјал. Четворица од пријавените не биле затекнати дома поради посета на здравствена установа. Избирачките одбори после остварената посета немаат обвска повторно да се вратат кај лицата кои не ги затекнале дома.

Од пријавените двајца граѓани кои се во изолација поради дијагноза Ковид-19 гласале и двајцата. Нив ги посетил посебен избирачки одбор опремен со заштитна облека.

Во Казнената Установа „Затор“ Гевгелија денеска процесот на гласање траеше од 07 до 19 часот и на истиот доброволно пристапија 37 затвореници кои го искористија своето гласачко право, од вкупно 44 затвореника кои се наоѓаат во Избирачкиот список за општина Гевгелија, а се на издржување на казна во оваа Казнено-поправна установа.

Се' на се', во текот на денешниот гласачки ден своето гласачко право го искористија 195 граѓани, од вкупно 19.076 запишани во единствениот избирачки список за општина Гевгелија. Тоа значи дека денеска се изјасниле 1,02% од гласачкото тело во Општината.



Производната компанија „Жито пром“ од Гевгелија учествуваше на најголемиот саем за храна и пијалоци „Ануга“ во Келн, Германија. Саемскиот настап на гевгелиската фирма во друштво на реномирани светски производители значеше своевидна промоција и вклучување во мисијата на „Ануга“ за претставување креативни концепти и иновативни производи.

Годинашното мото на саемот беше „Вкуси ја иднината“, што кореспондира и со новата линија колачи на „Жито пром“. Ануга како еден од најголемите светски водечки саеми за храна и пијалоци има своја вековна традиција, поточно се организира повеќе од 100 години.

- „Фокусот на саемот се нови, иновативни производи и трендови. Како дел од тоа имавме шанса покрај постоечките производи – кроасаните, да ја презентираме и новата линија на колачи којашто како проект е поддржана од Фондот за иновации. Проширената палета брои 10 нови производи во две категории – традиционални колачи со вистински путер и функционални колачи збогатени со состојки корисни за здравјето. Со ова, го следиме трендот за развој на производи што покрај задоволување на потребата за нешто слатко, имаат голема придобивка и за човечкото здравје. Средбите и квалитетот на новите контакти што таму ги остваривме, ги надминаа и нашите очекувања. Веруваме дека покрај постоечките 20 пазари каде што извезуваме, нашите производи ќе се најдат и на полиците во многу други земји“ – вели Татјана Танева Новаковска, бизнис менаџер на „Жито пром“.

Жито пром е семејна компанија од Гевгелија со речиси 25 годишна традиција. На македонскиот, но и на над 20 странски пазари се препознатливи по брендот 4U, кој се одликува со специфичен вкус и висок квалитет.

Вкусот и квалитетот на новите колачи 4U наскоро ќе биде претставен и пред потрошувачите во Македонија.

 

Невремето „Балос“, што веќе втор ден создава проблеми во повеќе делови во Грција, особено во Атина, областа Евиа и во северниот дел на Грција каде училиштата се затворени, денеска ја зеде првата жртва, а предизвика и материјална штета.
Исчезнатиот 69-годишен маж, по кој од вчера трагаа пожарникари и специјални спасувачки тимови во село во јужниот дел на грчкиот остров Евија, денеска беше пронајден мртов, јави дописничката на МИА од Атина

Од противпожарната служба на Грција соопштија дека безживотното тело било пронајдено во речно корито, додека пак според АНА-МПА, 69-годишниот сточар синоќа со неговиот автомобил бил повлечен од надојдената вода.

Непосредно пред неговото исчезнување, тој се јавил во Противпожарната служба за да побара помош, бидејќи бил заробен во таа област. Тој бил пронајден мртов далеку од неговиот автомобил, кој го однесе вода за време на невремето.

Според првите информации, овчарот, кој е прва жртва од бурата Балос, бил лоциран со помош на хеликоптер на противпожарната бригада, пренесува Прототема.

Спасувачите се подготвуваат да користат хеликоптери за да ги спасат луѓето заробени на покривите на зградите во поплавените и оддалечени области на северозападниот остров Крф, изјави министерот за цивилна заштита и климатски промени Христос Стилијанидес.

„Нема сомневање дека се соочуваме со опасен временски феномен кој е многу сериозен во некои делови на земјата“, рече тој. На островот Евија, во август беа евакуирани најмалку три области погодени од шумски пожари, a деновиве се соочуваат со страотни поплави.

Турската компанија „Калтун енерџи“ ДОО Скопје која е инвеститор на ветерниот парк „Дрен“ што ќе се протега низ територијата на општините Демир Капија и Гевгелија, веќе доби Одобрение за градба кое го зидаде Општина Гевгелија.
Напоредно со одобрението за градба турската компанија веќе ги исплати и комуналните надоместоци за градбата, а средствата се слеваат на контото на општинскиот буџет.

Во рамките на проектот „Ветерен парк Дрен“ е предвидена изградба на десет ветерници на територијата на двете општини. Теренот е ридест, со надморска височина од 246 до 736 метри. Половината од Ветерниот парк, односно 5 ветерници се наоѓаат на територијата на Општина Гевгелија, во непосредна близина на Миравци.

Искористувањето на ветерот, како алтернативен извор на енергија, претставува најисплатлива, најбрза за имплементација и најсовремена енергетска технологија, што нуди брзо и долгорочно елиминирање на штетните емисии во околната средина. Проектот за изградба на Ветерен парк „Дрен“ ќе даде придонес за зголемување на учеството на обновливите извори на енергија во вкупното производство на електрична енергија. Со проектот се предвидува поставување на инсталации за искористување на силата на ветерот, заради производство на енергија, таканаречени фарми на ветер.

Проектот „Изградба на ветерен парк во Миравци“ е на приоритетната листа на поддржани проекти утврдена од Владата на Република Северна Македонија за изградба на енергетски систени со обновливи извори на енергија. Со грант средства од 2,4 милиони евра за изработка на проектни елаборати се овозможи пристап до ефтини кредитни линии за изградба на енергетски објекти во нашата земја и тоа во вредност од 80,5 милиони евра, сите преку Германската банка за развој „KFW Bank“.

 

Страница 1 од 204

 
 

 

 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.