Земјотресот кој го почувствуваа во Босна и Херцеговина вечерва бил најсилниот во последните 50 години. Почувствуван е во Мостар, Сараево, Столац, а видливи се и разрушени делови од кровот на Народниот театар во Мостар.
Според Bljesak.info, неофицијални информации говорат дека има повредени во областа Столац, каде што бил епицентарот на земјотресот.

Земјотресот ги погоди Сараево, Зворник, Тузла, Чапљина, Мостар, Ливно, Љубиње, Требиње, Билеча и други градови во БиХ, но и во Црна Гора, Србија, делови од Албанија и Хрватска. Земјотресот вечерва го почувствуваа и жителите на Македонија. Граѓаните тврдат дека се треселе кревети и лустери, а земјотресот бил краток, но силен.

Презентерката на вестите во живо реагира на земјотресот и вели „Опа, ууу, во тек е земјотрес“

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва на 22.04.2022 година регистрираше земјотрес 296 km северозападно од Скопје кој потекнува од територијата на Република Босна и Херцеговина, 42 километри југоисточно од градот Мостар.

Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата земјотресот се случи во 23 часот и 07 минути со Рихтерова локална магнитуда ML5.7, а беше почувствуван од граѓаните во Скопје, Гостивар, Тетово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

Д-р Сафет Мујиќ од Кантоналната болница ја потврди првата жртва по страшниот земјотрес кој вечерва ја погоди Босна и Херцеговина, а беше силно почувствуван во целиот регион.

Станува збор за 28-годишната Е.С. од Столац која била хоспитализирана во тешка состојба. И покрај напорите на лекарите и долгата реанимација, девојчето не преживеало, јавува порталот „мастило“. Од Цивилната заштита на општина Столац соопштија дека според нивните информации три лица се повредени, пишува Информер.рс.

МВР јавува дека денеска (21.04.2022) во 06.20 часот полициски службеници од Полициска канцеларија Богданци го лишиле од слобода А.Г.(49) од Богданци. Тој се сомничи дека во 00.35 часот во казино во Богданци со закана кон вработената одзел пари од касата.

При извршен претрес во неговиот дом врз основа на наредба од Основен суд Гевгелија биле пронајдени пари од извршеното дело во вкупен износ од 65.000 денари и други предмети поврзани со кривичното дело.

Лицето е приведено и задржано во просториите на ОВР Гевгелија и во координација со Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија во текот на денешниот ден против него ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“ по член 238 став 1 од Кривичниот законик, по што ќе биде изведен пред судија на претходна постапка.

 

 

Седум години затвор за поранешниот премиер, Никола Груевски и казна од 3 500 евра пресуди судијата за „Плацеви на Водно“ . Сашо Мијалков е осуден на 1 година и три месеци затвор, Јордан Камчев 1 година затвор, во кој му се смета и времето поминато во притвор. Ристо Новачевски доби две години условно, ако во рок од пет години не стори ново кривично дело. Истата казна важи и за Ненад Јосифовиќ, две години условно.

Груевски, Мијалков, Новачевски, Јосифовиќ и Камчев се виновни затоа што, Груевски против-правно за себе присвоил пари од донации од 1 300 360 евра, по што ги пуштил во оптек за перење на пари, а му помагал Мијалков. Останатите ги примиле и пуштиле во оптек, иако знаеле дека се против-правно стекнати. Груевски барал од Мијалков да му помогне да купи земјиште од 11 илјади метри квадратни и да се прикрие дека е сопственик. За помагачите, олеснителна околност е што за себе не стекнале имотна корист.

Судијата ја презентираше „Белизе“ шемата: За планот на Груевски му требале пари, па одлучил да ги присвои средствата од донации за партијата. Јанкуловска сведочела дека партијата била во криза и се финансирала од донации кои се примале со каса прими, па никој немал увид во нив. За ова сведочел и Протуѓер, кој потврдил дека во седиштето имало сеф, а од општинските комитети се испорачувале пакети и пари. Сведоци сведочеле дека донирале и по 100 или 300 илјади евра. ЈО доставило докази дека, Груевски примал плата од 88 илјади денари, а неговата сопруга 60 илјади. Во анкетниот лист не е наведен имот на негово име, а други приходи немал.

Судијата рече дека очекувал обвинетите да признаат вина и да им се извинат на чесните поддржувачи кои давале пари за партијата.

–Како е можно да се брани теза дека становите на Водно Алек Теранова ги купил за себе, бидејќи бил во бракоразводна парница? Некој ќе купи стан до премиерот, за да го скрие од брачниот другар?, праша.

Во образложението рече и дека, Мијалков контактирал со повеќе лица за фирми во Белизе. Одбраната коректно бранела, но на крај сами си ги срушиле доказите. На шемата, според него, се гледа како парите се шетаат до Белизе и повторно се враќаат назад во Стопанска банка-Битола, а парите на Мијалков од Белизе назад во Орка Холдинг.Имотот е купен преку фирмата „Сирак Инженеринг ДООЕЛ-Скопје“, а Груевски подоцна, за да прикрие дека е тој сопственикот, се договорил да биде префрлен на ОРКА Холдинг, во замена за три стана на Водно.

Нагласи дека, од секого ќе биде конфискувано се` што е нелегално стекнато.

 

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07), 22 април 2022 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.

Воедно, бидејќи големиот христијански празник Велигден е во Недела, следниот понеделник, втор ден од Велигден, (25 април) е исто така неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Ова согласно Законот за празниците на РМ, објавува МТСП.

Воедно, Министерството за труд и социјална политика, на граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија им го честита големиот христијански празник Велигден.

 

Веќе две години по ред заради дефицит на медицински кадар во Општината, локалната самоуправа во Гевгелија доделува стипендии на студенти, жители на општина Гевгелија кои се запишани како редовни студенти на Медицински Факултет.

Освен студенти, минатата година имаше и две стипендии за постдипломски студии.

Годинава, општина Гевгелија на распишан конкурс за стипендирање на студенти по медицина донесе одлука да стипендира петмина наши сограѓанки, и тоа: Марија Бојкова, Ева Петкова, Нина Ангелкова, Софија Маркова и Кристина Коцева.
Одлуката за стипендирање ја донесе Советот на Општина Гевгелија

По разгледувањето на пристигнатите апликации, Комисијата за образование, култура и спорт при Советот на Општина Гевгелија донесе едногласна одлука Општина Гевгелија да ги стипендира горенаведените студенти, запишани на Општа медицина во студиската година 2021/2022 година, согласно критериумите во Правилникот за доделување стипендии на студенти, жители на општина Гевгелија.

Висината на стипендијата ќе изнесува 6.000 месечно, за 10 месеци во академската година, се до завршувањето на факултетот. Средствата ќе бидат обезбедни од Буџетот на Општина Гевгелија, а ќе се доделат согласно потпишаниот договор за стипендирање.

Одлуката за доделување стипендии на студенти, жители на општина Гевгелија, запишани на Медицинските факултети во студиската 2021/2022 година, е објавена на официјалната веб-страна на Општина Гевгелија.



Штрајк или настава на децата - едниот е право на работниците да го искажат своето незадоволство од работничките права, а другото е право на децата да посетуваат образовна настава, заштитено со Меѓународни Конвенција за правата на децата.

- „Во случај на судир на две со Уставот загарантирани права, предност имаат детските права“ , рече народниот правобранител, во врска со прекинот на воспитно – образовниот процес во земјава поради штрајкот на СОНК за повисоки плати.

И меѓународните документи, Конвенцијата за правата на детето велат дека во случај на судир на две права (право на штрајк и право на децата да учат и следат настава) , тогаш предност треба да се даде на правата на децата. Што значи, не треба воспитно-образовниот процес да трпи последици“ - изјави за „Телма“ Народниот правобранител Зибери.

Според правобранителот, до неговата канцеларија до сега пристигнале 4 – 5 преставки од родители кои реагирале во врска со неможноста нивните деца да посетуваат настава поради штрајкот на синдикатотза образование.

А, според министерот за образование, СОНК треба да спроведе друг начин на штрајк зашто кога го најавил до МОН тековниот, не известил дека настава нема да се одржува.



Во текот на вчерашниот ден, ( 17.04.2022, год.) полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција во соработка СВР Струмица и Управата за јавни приходи извршиле контрола во повеќе казина и автомат клубови на подрачјето на Гевгелија.

Од извршената контрола, од страна на УЈП во четири објекти биле констатирани неправилности во однос на водење книга за благајна, неистакнати правила за игра на јавно место, нередовно водење сметководствени книги и неправилности во книгите за дневен промет.
Исто така, во едно казино дневниот промет не бил пријавен подолг период, додека во друго казино бил пронајден покер апарат со спорен сериски број.

По целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, се вели во денешното соопштение на МВР.

 

Втора недела штрај на работниците застапувани од СОНК. Штрајкуваат наставниците, воспитувачите и негувателките. Не се изведува настава, а приемот на децата во градинките е само за оние кои немаат друго решение за згрижување на своето дете.
Како ќе бидат платени оваа категорија работници кои во штрајк ги однесе СОНК за време на деновите додека штрајкуваат и не ја обавуваат својата работа?

Законодавецот и Колективните договори за ова дејност велат - за деновите додека се штрајкува на работниците ќе им се исплаќаат само придонеси, но не и дневници за деновите во штрајк.

На ова предупреди Владата и денеска, после одбиениот предлог за зголемување на платите на наставниците и вработените во детските градинки за 10%, предлог што го одби СОНК. Од Синдикатот за ова предупредување велат дека е притисок. Власта се повикува на членови од Законот за работни односи каде се пропишува дека за време на штрајк организаторот на штрајкот може од свои средства да им обезбеди дневници на работниците.

Закон за работни односи (страна 90)

Придонеси од плата

Член 240
„На работниците учесници во штрајк, за време на учество во штрајкот, работодавачот е должен да им уплатува придонеси од плата утврдени со посебните прописи на најниската основица за плаќање на придонесите.“ 

Надоместок на нето плата за време на штрајк од организаторот на штрајкот

Член 241
„Организаторот на штрајкот може од свои средства да им обезбеди надоместок на нето плата за времето на штрајк на работниците кои учествувале во штрајкот. “

Кој ќе ги обезбеди дневниците за вработените во образовението за деновите во штрајк останува под знак прашалник. За синдикатот ова е притисок од надлежните. Според нив неиздржано е да се кратат дневници за време на штрајк – бидејќи, велат тие работници штрајкуваат токму поради крешење на закони од страна на надлежните.

„Ова е притисок. Досега кога СОНК штрајкувал не им биле исплаќани само придонеси.“ - изјави за 24 вести Лена Спасеноска – регионален претставник на СОНК.

Синдикатот штрајкот го започна на 11 април и истиот ќе продолжи се' додека не се најде заеднички прифатливо решение, велат од СОНК.



 

"""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""

Во текот на вчерашниот ден утрото била извршена кражба во Трафостаница на „ЕВН Македонија“ во атарот на Богданци.
Кражбата ја приметил и пријавил вработен во ЕВН-КЕЦ Гевгелија и случајот го пријавил во Полициската Станица во Гевгелија. Предмет на кражбата се бакарни шини кои имаат вредност на пазарот на стари метали и метален отпад, само што ова не е отпад, туку имаат употребна вредост во функционирањето на Трафостаницата.

Во полицискиот извештај се вели дека кражбата е евидентирана во 07:00 часот од лицето М.Ј.(57) од Гевгелија, кој е вработен во ЕВН-КЕЦ-Гевгелија и случајот го пријавил истиот ден на 15.04.2022 година во 10:00 часот во Полициската Станица во Гевгелија. Во пријавата лицето М.Ј. навел дека од страна на непознат сторител насилно бил отворен прозорец од главната трафостаница во Богданци. Оваа трафостаница се наоѓа на заобиколниот пат кај раскрсница кон с.Стојаково. Во неа недостасувале бакарни шини. кои се одземени од дрскиот крадец.

Увид на местото на настанот извршила екипа од ОВР Гевгелија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Инаку ЕВН-КЕЦ Гевгелија е задолжена за дистрибутивната мрежа за подрачјето на општините Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран.



Неделава Гевгелија беше првата дестинација за остварување на своите програмски активности на Фондацијата „Ице Бегов“ со седиште во Скопје.

Ице Бегов е млад гевгеличанец кого корона пандемијата го испиша како најмладата ковид жртва од Гевгелија. Вирусот го „пронајде“ додека живееше во Скопје со своето семејство. Роден е 1995 година, а почина на своја 25 годишна возраст. Беше лице со коморбидитети поради што средбата со вирусот заврши трагично за него. Беше лице со многу интереси меѓу кои и музиката. Па токму првата донација на Фондацијата формирана со негово име се токму музичките инструменти, посветени некому кои треба да му го разубават денот, животот, неговото опстојување како посебно лице. Живееше во Скопје и овде е формирана фондацијата во негова чест и спомен, а добрите дела на Фондацијата треба да допрат до сите маргинализирани категории на граѓани.

Со првата своја посета во Гевгелија Фондацијата „Ице Бегов“ донираше музички инструменти, алат за градежништво, маици и чаши со логото на фондацијата на децата штитеници на Центарот за лица со посебни потреби „Мајка Тереза“. Донираните тарамбука и гитара во комбинација со вештините на тапан на децата од „Мајка Тереза“ направија од посетата вистински настан на прослава на човечноста и хуманоста.

Фондацијата беше топло, љубезно и со внимание примена како од професионалниот тим составен од стручни лица и задолжен за грижа и нега на децата, така и од децата кои присуствуваа на срдечната посета од драгите гости.

- „Чест и задоволство претставуваше на Фондацијата да се запознае и дружи со децата кои се дел од центарот, како и да им посвети внимание и љубов, исполнувајќи го нивниот ден со среќни и радосни моменти, кои воедно беа обострани“ изјавуваат од Фондацијата.
„Секој човек заслужува да ја почувствува човечноста на другиот, внимание, љубов, радост, верба, среќа и надеж за подобро утре, токму како што ИЦЕ БЕГОВ неизмерно ја споделуваше со неговото чисто и невино срце“, додаваат од Фондацијата.

Фондацијата како втора активност истиот ден го посети и курсот по гитара кој се реализира од оваа година во просториите на Домот на Култура во Гевгелија. Овде беа донирани три гитари и појачало за подобрување на инструменталната снабденост на изведувачите и учениците на курсот. Фондацијата доби чест да се увери дека нивните инструменти доаѓаат во вредните раце на новонадежните музичари од Гевгелија и присуствуаше на мини концерт посветен од курсистите кон дарежливите гости.
Слушнете дел од заедничкото музицирање на учителот Коце и членот на фондацијата Никола Велиновски.
Погледнете ја и ФОТО Галеријата од посетата на Центарот „Мајка Тереза“ и Народниот Театар во Гевгелија.

Страница 4 од 221

 
 

 

 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.