На барање на ЈО, судија на претходна постапка го прифати предлогот и на сопственикот на клиниката Жан Митрев, му го одзеде пасошот.

Судот е согласен со наводите на обвинителството дека постои опасност Митрев да избега.

Одлуката на судот следи откако обвинителството денеска отвори истрага и го повика на распит Митрев, по објавата на ИРЛ за начините како болницата ги третирала болните од Ковид – 19.

- „Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД 19 со методот на хемофилтрација“, објави Јавното обвинителство.

Основното јавно обвинителството – Скопје по допрен глас оформи предмет на 18 јули, откако ИРЛ објави истражување за работењето на клиничката болница „Жан Митрев“ и на доктор Жан Митрев во периодот од 2020 до 2022 година.

ИРЛ во документарниот филм „Нечиста крв“ обелодени сведоштва на семејства на КОВИД пациенти врз кои била применувана методата хемофилтрација (филтрација на крвта) без да знаат дека се предмет на клиничко испитување. Хемофилтрацијата, доктор Митрев, ја рекламираше како единствен спас за лекување од корона вирусот, а услов за лекување на пациентите беше авансно да уплатат 12.000 евра за да бидат хоспитализирани во клиниката. Клиничките студии кои се вршеле во болницата не се пријавени во државната Агенција за лекови – МАЛМЕД.

Ако ОЈО по отворениот кривичен предмет ја докаже вината на д-р Жан Митрев следува според законот затворска казна.

 

 

 

Возач на камион кој вчера се преврте со својот нелегален товар - мигранти кај село Марвинци предизвикал телесни повреди кај 35 лица, а еден со тешки телесни повреди. Сите повредени се згрижени во Болница, јавува МВР.

Во полицискиот извештај за вчерашниот настан е наведено следново:

- „На 10.08.2022 во 18.20 часот во Полициската станица Валандово било пријавено дека на магистрален пат М-1, во близина на клучка за село Марвинци, валандовско, товарно возило „Сканија“ со приколка, со скопски регистерски ознаки, излетало од патот.

Возачот се дал во бегство, а на лице место се пронајдени 49 мигранти, кои според нивно кажување се од Сирија.

Во несреќата едно лице мигрант се здобило со тешки телесни повреди, а 34 се здобиле со телесни повреди, констатирани во медицинските центри во Гевгелија и Струмица. Останатите лица мигранти се пренесени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ Гевгелија.

За настанот бил запознаен Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Велес, а увид на местото извршила екипа на Полициска станица Валандово“ - се вели во денешниот извештај од МВР..



Во сообраќајка која се случила вечерва кај с.Марвинци, повредени се 29 лица. Лицата биле превезувани во товарно возило кое сообраќал на патот Удово-Гевгелија. Но, се превртел, а возачот побегнал, поради непријавениот товар кој го превезувал - околу 50 мигранти.

- „Добивме повик за поголем број повредени мигранти – 29 лица. Наводно, биле сместени во камион, биле околу педесетина, такви ни се првичните информации“, рекоа од Брза помош Кавадарци.

Кавадаречката итна медицинска помош, исто како и неготинската, била повикана да интервенира и да прифати дел од повредените. Тоа за МИА го потврдија од двете служби на брза помош. Кавадаречката служба испратила едно болничко возило.

Цела екипа со санитетско возило биле испратени и од Брза помош Неготино. Од Општа Болница Гевгелија не дадоа информации, само навестија дека очекуваат уште повредени за медицински третман.

Од МВР потврдија дека вечерва во 18:10 часот било пријавено дека товарно возило излетало од патот на клучка од с. Марвинци кон М1, регионален .пат Гевгелија – Демир Капија.

-„Утврдено е дека се работи за товарно возило „Сканија“ со приколка со скопски таблици. Возачот се дал во бегство, а на лице место се пронајдени мигранти. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. Ова е првично. Утре ќе има официјално“, велат од МВР.

 

Најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика носи надолна корекција на цените на горивата од 2 до 3,5 денари.

Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 3,50 денари по литар, дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за три денари, а за два денара бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.

Највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт,
изнесуваат:
- Моторен бензин - ЕУРОСУПЕР БС - 95 - 90,00 (денари/литар)
- Моторен бензин - ЕУРОСУПЕР БС – 98 - 92,00 (денари/литар)
- Дизел гориво - ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 90,00 (денари/литар)
- Масло за горење - Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) - 87,50 (денари/литар)
- Мазут М-1 НС - 52,786 (денари/килограм)

Новите цени на горивата ќе почнат да важат од 00:01 часот на 09.08.2022 година (вторник).

 

Тимот за брз одговор на ДЗС и силите на ТППЕ Гевгелија со неколку распоредени екипи низ опожарените подрачја во Дојранско и Богданско, во моментот вршат увид на теренот на пожарот кој вчера утрото започна од атарот на Фурка, а со брзиот ветер стаса вчера попладне дури до Паљурци се' до стрелиштето кај Богданци.

- „Пожарот е локализиран, а дали ќе избие пак не се знае. Затоа тимови распоредени на терен вршат контрола“ - изјави за GevgelijaNet командирот на ТППЕ Гевгелија, Игор Ризов.

Во текот на вчерашниот ден армиски хеликоптер беше повикан да интервенира поради непристапниот терен и присуството на ветер кој го менуваше правецот на пожарот и ја уништуваше осмислената акција на противпожарните сили за пресретнување на истиот и локализирање. Конкретно, армискиот хеликоптер интервенираше во периодот околу 16:30 и 18:30 часот со околу 20 налети – истурање полни ведра со вода над пожарот. За полнење на ведрата беше користена акумулацијата Паљурци.

Тоа придонесе вечерта до 19 часот во текот на вчерашниот ден пожарот од Фурка да биде локализира кај патниот правец Богданци - Дојран, а остана активен на западната страна од Богданци и во близина на рибникот „Елита“.

Захтевната акција за справување со шумскиот пожар во кој гореше прнар, а на места и борова шума ангажираше огромен човечки потенцијал и опрема. На терен беа ангажирани 65 лица со 16 возила и опрема:
ТППЕ Гевгелија со 10-14 пожарникари и 3 пп м.в., Доброволно ПП друштво Дојран со 4 лица и 1 возило, Комуналец Гевгелија со 1 цистерна и 2 вработени за дотур на вода, Комунално Дојран со 2 возила и околу 10 вработени, ЈПНШ Подружница Кожув Гевгелија со 2 возила и 10 вработени,ТППЕ Кавадарци со 2 ПП возила и околу 8 пожарникари, ТППЕ Валандово со 1 ПП Возило и 3 пожарникари, ДЗС-Валандово со 1 Возило, ТППЕ Струмица со 4/5 пожарникари и едно возило и 5 членови на тимот за брз одговор, МВР ПС Гевгелија со 2 патролни возила.

На теренот во моментот освен увидниот Тим за брз одговор на ДЗС и ТППЕ Гевгелија се наоѓаат и вработени од ЈП Национални шуми Подружница „Кожуф“, комуналното претпријатие од Богданци, локално население од Дојран и Фурка. Теренот ќе се контролира се' до конечна ликвидација на можните згаришта за спречување на повторна активација.

Голем успех во откривање на нелегален транспорт кој има криминален карактер - на ГП „Табановце“ царинските службеници запленија 13,3 килограми злато со проценета вредност од над 600.000 евра и непријавени 30.000 евра кај возачот.

Настанот се случи вчера, на 07.07.2022 г. (недела) околу 9.30 часот наутро на граничниот премин Табановце, автобус на компанијата „Domino Line“ беше запрен од граничната полиција при превоз на патници од Пореч (Р. Хрватска) до Гостивар.

Од Царинската управа известуваат дека при вршење на детална царинска контрола на автобус на влез во државата, мобилните тимови од Одделението за оперативни работи од Царинската управа на граничниот премин Табановце открија и привремено задржаа 13,3 килограми злато и непријавени 30.000 евра. Запленетото злато е со проценета вредност од над 600.000 евра.

Поради постоење сомнеж, автобусот со македонски регистарски ознаки кој се движи на редовна линија од Пореч (Р.Хрватска) до Гостивар, заедно со патниците бил упатен на царинскиот терминал на граничниот премин. При прегледот со мобилен скенер се воочени неправилности во кровната конструкција, каде се пронајдени разновиден златен накит и златни плочки во правилна и неправилна форма. Непријавената стока – злато со вкупна тежина од 13304 грама е привремено задржана и предадена на Одделението за истраги за понатамошна постапка.

Дополнително при личен претрес, кај еден од возачите беа пронајдени и одземени непријавени 30.000 евра, за кои е изготвен записник за девизен прекршок, известуваат од Царинската управа на РСМ.

Патниците од автобусот, околу 50-тина, меѓу кои и мајки и деца, според нивни тврдења, се оставени околу 5 часа на асфалт и на сонце на граничниот премин чекајќи „Domino Line“ да преземе одговорност и да ги транспортира до потребните дестинации во државата..Како тоа се случило подоцна, од фирмата им одговориле дека за непријатностите ќе им се оддолжат со бесплатен билет за следното нивно патување. „Се прашуваме, кој здраворазумен човек по вакво филмско искуство повторно би се превезувал со истата компанија?!?“ беа коментарите дадени за порталот „лопално“.

Фото: ЦУ - запленетиот накин и девизи

 

Веќе 14 часа трае борбата за гаснење на пожарот кој утринава изби во атарот на село Фурка (Дојранско) и продолжи да се шири во правец кон месноста Паљурци.

Огромните ангажмани на ТППЕ единици успееја да го локализираат само кај патниот правец Богданци-Дојран.

Кај Паљурци, во близина на браната Паљурци пожарот се' уште е активен и таму се стационирани ноќва неколку противпожарни екипи.

Во текот на денот на овој терен интервенираше и армиски хеликоптер кој полнеше вода од акумулацијата Паљурци. Со водениот товар истоварен над опожарениот терен хеликоптерот успеа да ги растерети напорите на пожарникарите. Извесно е дека утре, во утринските часови армискиот хеликоптер ќе продолжи со акцијата за гаснење, известуваат од ЦУК. .

Ова навестува тешка и напорна огнена ноќ за пожарникарите на овој терен. Во тек е координативен состанок со командирот на ТППЕ Гевгелија по што ќе се знае кои сили ќе дејствуваат во текот на утрешниот ден.

Гори деградирана шума-прнар, а на места има и борова шума. Нема опасност од загрозеност на објекти, информираат од Центарот за управување со кризи.

На терен се и пожарникари, противпожарни возила и вработени од шумските стопанства од Гевгелија, Дојран, Кавадарци и Валандово, како и припадници на МВР.

Фото: Г.Габи

 

Утрово во ТППЕ Гевгелија околу 9 часот пријавен е пожар на отворен простор во атарот на село Фурка.

Екипа на ТППЕ Гевгелија веднаш се упати на теренот да интервенира со 5 пожарникари, две противпожарни возила. На теренот во гаснењето пристапија и вработени од Шумско стопанство „Кожуф“ Гевгелија и членови на Доброволното Противпожарно друштво од Дојран.

До пладне 14 лица беа на терен и се очекуваше помош од ТППЕ Валандово и Кавадарци.

- „Условите за гаснење ги усложнува присуството на ветрот кој неколку пати го менува правецот“ - изјави за GevgelijaNet командирот на ТППЕ Гевгелија Игор Ризов, кој моментално е на терен заедно со другите противпожарни сили.

Веќе 10 часови трае акцијата за гаснење на пожарот. Во првиот налет на ветрот огнот се прошири во правец кон Паљурци, каде се наоѓа вештачкото езеро, во близина на Богданци. Акцијата за гаснење уште е во тек.

Насловно Фото: Љ.Проданова - глетка од Богданци кон опожарениот појас



Со бројни гости и служење курбан вечера во дворот на црквата „Свети Пантелејмон“ синоќа се одржаа панаѓурските одбележувања во селото Ума. Традиција од дамнина која овде привлече повеќе туристи, отколку мештани кои се малубројни, но гостопримливи за сите кои сакаат да ја видат природната убавина на Ума и тамошната црква изградена во XIX век.

Ума е планинско село познато по својата природна убавина и извонредна клима па се нарекува воздушна бања. Сместено е на 850 метри надморска височина на Кожуф планина во југозападниот дел од атарот на Гевгелија.

Населбата се наоѓа во областа Влахомеглен и некогаш била населена со 500 жители, со училиште и богат живот. Неговите потомци не ги забораваат корените ниту традициите па секоја година овде во првата недела од август се подготвуваат панаѓурските чествувања.

Црквата има богат фрескоживопис кој доживеа своја реставрација, исто и иконите кои потекнуваат од XIX век.

И денеска, недела, ден викенд сите благонамерници се добредојдени во Ума.

 

Во тек е реконструкција на патниот правец R1108 кој води до излетничкото место Смрдлива Вода. Изведувач на работите е ЈП "Македонија пат", а инвеститор е Владата на РСМ.

Реконструкцијата на овој излетничко-планински фреквентен пат планирано е да се изведува во фази. Нејзината завршница ќе придонесе кон безбедно одвивање на сообраќајот до ова планинско место и секако олеснителен сообраќаен фактор за развој на локалниот планински туристизам.

Смрдлива Вода е познато излетничко планинско место сместено на 712 метри надмрска височина на Кожуф планина. Оддалечено е од Гевгелија 24 километри. Делницата на патот R1108 почнува од Гевгелија кон Ново Конско, потоа с.Конско се' до Смрдлива вода како последна точка на поврзување на овој регионален пат.

Овој пат целосно беше асфалтиран околу 2004-2005 година, а поради ерозивниот планински терен еве после речиси две децении истиот се реконструира..

Инаку целиот патен правец R1108 има должина од 43,8 километри и завршува до Скијачкиот центар „Кожуф“. Но, стечајот на ова правно лице ги стави вон функција скијачките потенцијали (жичарница, угостителство и услужни дејности), па истиот останува да се реконструира, според програмата на Владата, до локалитетот Смрдлива вода.

 

Страница 1 од 229

 
 

 

 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.