Ќерката на тајкунот од Хонг Конг во отвореното писмо упатено до нејзиниот татко, бара од него да прифати дека таа е лезбејка, откако тој пред една недела понуди десетици милиони на оној маж кој ќе успее да се ожени со неа.
Жижи Чао (33) од својот татко Сесил Чао бара да ја прифати нејзината партнерка и кон неа да се однесува како „кон нормално, достоинствено човечко суштество“, пренесува BBC.
Жижи, која се венча со нејзината долгогодишна партнерка Шон Ив во Франција во 2012 година, во писмото наведува: „Има многу добри мажи, само што тие не се за мене“.
Таа пишува и дека и е многу жал што луѓето говорат некои „невкусни работи“ за нејзиниот татко и додава: „Тие не разбираат дека јас тебе секогаш ќе ти простувам поради твојот начин на размислување, бидејќи знам оти мислиш дека го правиш она што е во најдобар интерес за мене“.
„Како твоја ќерка, не сакам ништо повеќе на светот од тоа тебе да те направам среќен. Но, кога станува збор за врските, твоите очекувања од мене и реалноста која сум, не се кохерентни“, пишува таа.
Жижи, која е успешна деловна жена, додава оти не очекува нејзиниот татко и нејзината партнерка да бидат „најдобри пријатели“, но дека многу би и значело кога татко и не би бил „уплашен“ од нејзината партнерка и кога би прифатил дека и таа е нормално, човечко суштество.
Жижи Чао писмото го завршува со зборовите: „Трпеливо твоја“.
Минатата седмица милијардерот и плејбој Сесил Чао повторно понуди 65 милиони долари (40 милиони фунти, според објавата на “Телеграф“) на мажот кој ќе успее да се ожени со неговата ќерка. Инаку, Хонг Конг не ги признава истополовите бракови, иако хомосексуалноста од 1991 година не се смета за кривично дело.