Дури и на најискусните готвачи и домаќинки им се случува понекогаш да им се “лизне“ поголема количина на сол кога го приготвуваат јадењето. Некогаш од немарност, некогаш од брзање, или нагли покрети, и оп отишла сета сол во садот, а не се вади од таму!
Дури и во ваков случај решение има. Не им бил непознат ниту на нашите постари домаќинки од семејството, на професионалните готвачи, или оние во војска каде подготвуваат килограми и килограми зготвена храна за голем број потрошувачи.
Решението за ручек или вечера, со зготвената пресолена супа, манџа, или друго вариво е сепак стара готварска тајна!
Се’ што треба за да се поправат работите е да се додаде нешто киселко во јадењето. Во зависност од јадењето, можете да додадете сок од лимон (ако варите компири), оцет (за супа или чорба), или сок од домати (за паприкаш, јанија и други зеленчукови варива).
Авторите на познатиот “Готвач на ЈНА“ препорачуваат на пресоленото јадење да се додаде малку сода бикарбона која може да го апсорбира вишокот сол, а нашите баби пак советуваат во јадењето да се стави еден цел излупен компир кој во текот на варењето едноставно ќе го “изеде“ сиот вишок на сол.
Се надеваме дека со овие совети ви помогнавме да послужите совршен оброк, без да се мрштат вашите домашни!